Tevfik Durul,Derya Gülnaz Özcan
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
АТИНА (АА) - Холандската новинарка Ингеборг Беугел, на прес-конференција која се емитуваше во живо, го обвини грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дека лаже во врска со насилното враќање на мигрантите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Зошто лажете во однос на насилното истуркување назад на мигрантите?“, го праша Беугел Мицотакис, на заедничката прес-конференција со холандскиот премиер Марк Руте во Атина, по што дојде до тензичен дијалог.
Беугел, поставувајќи го прашањето, „Кога ќе престанете да лажете во однос на мигрантите кои се истуркуваат од Грција? Ве молам, не навредувајте ја мојата интелигенција и на новинарите низ светот“, рече дека има докази за незаконско враќање на мигрантите.
- „Продолжувате да лажете“ -
„Постојано одбивате и продолжувате да лажете. Ова е нарцисоидна злоупотреба. Зошто не постапувате чесно? Зошто не кажете ‘Брисел нѐ остави сами, чекавме шест години, никој ништо не направи.‘ Треба [мигрантите] да ги засолниме во други земји, тоа [Брисел] не го прави и [мигрантите] безмилосно, варварски ги истуркуваме назад? Зошто веќе не се обраќате до Брисел?“, праша новинарката.
Беугел упати прашање и до холендскиот премиер Руте: „Какви санкции треба да се применат кон Грција, а можеби дури и кон Холандија, за прифаќање на овие прекршувања на човековите права, за кои и Холандија има дел од одговорноста?“
Истакнувајќи дека голем број општини во Холандија сакаат да примат многу бегалци од Грција, како што се децата бегалци без придружба, новинарката Беугел рече дека Руте го спречува тоа.
Премиерот Мицотакис, одговорајќи на прашањето на новинарката, рече: „Го разбирам тоа дека во Холандија имате култура директно да ги прашувате политичарите. Но, не можам да прифатам да ме навредувате мене и грчкиот народ со изјави и обвинувања кои не се поддржани со материјални факти.“
Тврдејќи дека Грција ги спасила животите на илјадници мигранти, Мицотакис рече дека додека го правеле тоа, ги блокирале бродовите со мигранти кои доаѓале од Турција според европските закони и чекале единиците на турската крајбрежна стража да дојдат и да ги вратат мигрантите во Турција.
- Мицотакис ја обвини Турција -
Мицотакис, исто така, додаде: „Наместо да ја обвинувате Грција, треба да ги обвинувате оние кои систематски го користат проблемот со миграцијата како алатка и ги принудуваат луѓето од една безбедна земја да дојдат до беспомошна ситуација. Би сакал да Ве потсетам дека луѓето во Турција не се во животна опасност. Треба да ги обвинувате другите, а не нас.“
Мицотакис, меѓу другото, ја праша холандската новинарка: „Дали го посетивте нашиот камп во Самос?“ По нејзиниот потврден одговор, премиерот Мицотакис, кревајќи го тонот на својот глас, рече: „Не, не сте го виделе. Видете, не може да дојдете во оваа зграда и да ме навредувате. Дали сум јасен? Сега Ви одговарам и немојте да ме прекинувате.“
Беугел, која работи како фриленсерка за холандските медиуми, претходно беше обвинета за помагање на мигрантите во Грција, бидејќи наводно била домаќин на 23-годишен авганистански бегалец во нејзиниот дом. Прашањето беше доведено до грчкото правосудство.
Новинарката на социјалните мрежи пред започнување на прес-конференцијата, напиша: „Наскоро ќе пристигнат грчкиот премиер Мицотакис и холандскиот премиер Марк Руте. Тие се заеднички одговорни за истуркувањата и ужасот на мигрантите. Имам право на само едно прашање. Вие кое прашање би сакале да го поставам? Ве молам, кажете го Вашето мислење.“