Michael Hernandez
20 Јули 2017•Ажурирај: 21 Јули 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, одлучи да ја укине програмата за поддршка на Централната американска агенција за разузнавање (ЦИА) на бунтовниците кои се борат против силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Доналд Трамп ја донел одлуката пред еден месец, по средбата со директорот на ЦИА, Мајк Помпео, и советникот за национална безбедност Х.Р. Мекмастер, пишува „Washington Post“ (Вашингтон пост), повикувајќи се на неименувани американски функционери.
Американскиот весник наведува дека укинувањето на програмата на ЦИА ја одразува желбата на Трамп да ги омекне односите со Русија.
„Укинувањето на обуката е признавање на ограничената моќ на Вашингтон и желбата да го отстрани Асад од власт“, пишува весникот.
Неименувани американски функционери тврдат дека програмата за поддршка на ЦИА може да се укине во текот на следните неколку месеци, и оти таквата одлука со себе носи одредени ризици.
Весникот наведува дека одлуката на Доналд Трамп да ја откаже програмата нема да влијае на поддршката на Пентагон кон Сириските демократски сили (SDF) за борба против членовите на терористичката организација ДЕАШ во нивното најголемо упориште во Рака.
Одлуката за поддршка на SDF не ја поддржа официјална Анкара, поради значајната улога на терористичката организација ПКК/ПЈД во овој мултиетнички воен сојуз.