Burak Dağ,Ali Rezzakoğlu
25 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Турција и Израел се на иста страна во однос на нормализацијата и ревитализацијата на односите, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се договоривме да внесеме нова синергија во нашите билатерални односи на многу полиња и да воспоставиме различни механизми отсега па натаму“, изјави Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот израелски колега Јаир Лапид во Западен Ерусалим.
Чавушоглу, кој зборуваше по директните разговори и на ниво на делегација, рече дека обемот на трговијата меѓу Турција и Израел надминал 8 милијарди долари минатата година, а дека бројките од овогодишниот прв квартал се „многу ветувачки“.
„Решени сме да го зголемиме обемот на трговијата и економската соработка. Тоа е заемно корисно“, рече тој.
Тој додаде дека Истанбул е најпопуларниот град за израелските туристи, додавајќи: „Значи, се надеваме дека ќе примиме повеќе туристи во различни делови на Турција.“
Од своја страна, Лапид рече дека Израел и Турција започнуваат нова рамка за зајакнување на билатералните односи на различни нивоа.
„Израел очекува да види напредок со Турција не само во нашите дипломатски и безбедносни односи, туку и на економски план“, додаде тој.
„За време на разговорите се договоривме да го рестартираме нашиот заеднички економски комитет и да почнеме да работиме на нов договор за цивилно воздухопловство меѓу нашите две земји.“
„Надвор од дипломатијата... Израелците едноставно ја сакаат Турција; секој ден десетици летови заминуваат од Израел за Турција со илјадници Израелци кои ја сакаат вашата култура, вашата музика, вашите прекрасни плажи и шарени чаршии“, рече високиот израелски дипломат.
Тој го нарече дијалогот „плоден и чесен“ за „иницирање нова рамка за подобрување на нашите односи што ќе биде од корист не само за нас, туку и за нашите деца во претстојните години“.
Чавушоглу претходно во текот на денот го посети Музејот за сеќавање на холокаустот „Јад Вашем“ во Западен Ерусалим и положи венец во музејската сала.
Ова е прва посета на турски министер за надворешни работи на Израел по речиси 15 години.
Израелскиот министер Лапид по средбата со Чавушоглу: „Очекуваме напредок и во економските односи“
Израелскиот министер за надворешни работи, Јаир Лапид, изјави дека Израел не само што очекува напредок во дипломатските и безбедносните односи со Турција, туку очекува и напредок во економската соработка.
Истакнувајќи дека политичките односи меѓу Израел и Турција се подобрени за време на пандемијата на Ковид-19, Лапид рече дека Чавушоглу е првиот турски министер за надворешни работи што го посетил Израел во последните 15 години и дека Израел сега очекува подобрување на односите во дипломатијата, безбедноста и економските односи.
„Се договоривме повторно да покренеме заедничка иницијатива на економската комисија Турција - Израел. Ќе работиме на нов договор за цивилна авијација меѓу двете земји“, рече Лапид.
Израелскиот министер за надворешни работи понатаму рече дека Израелците ја сакаат Турција и дека илјадници негови сонародници секојдневно патуваат во Турција.
Лапид му се заблагодари на Чавушоглу за посетата и за ефикасниот, искрен и продуктивен дијалог, додавајќи дека денеска нацртале нова рамка за развој на идните односи меѓу двете земји.
„Турција и Израел отсекогаш знаеле како да се вратат на дијалогот и соработката. Луѓето со долга историја секогаш знаат да затворат поглавје и да отворат ново. Тоа е она што го правиме овде денеска“, рече Лапид, додавајќи дека тоа се две регионални сили со длабоки историски врски меѓу нивните народи.
Нагласувајќи дека не треба да се заборави дека Турција и Израел имале подеми и падови во билатералните односи, Лапид рече дека Израел памети дека Турција е првата муслиманска земја што ја призна неговата независност во 1949 година.
Инаку, Чавушоглу пред посетата на Израел престојуваше во посета на Палестина, каде што се сретна со претседателот Махмуд Абас и министерот за надворешни работи, Ријад ал Малики, во градот Рамала на Западниот Брег.
Во март, израелскиот претседател Исак Херцог ја посети Анкара и се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.