Muhammet Nazım Taşcı
30 Март 2023•Ажурирај: 31 Март 2023
МУЛТАН (АА) – Најмалку четворица полицајци загинаа, а шестмина се ранети во терористичкиот напад што се случи синоќа врз полициската станица во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва, јавува Анадолу.
Локалните медиуми јавуваат дека вооружени милитанти синоќа извршиле напад врз полициската станица Садар во регионот Лаки Марват, а потоа цел на бомбашки напад била полициската патрола што пристигнала на местото на нападот.
Во инцидентот животот го загубија најмалку четворица полицајци, а ранети се шестмина.
Премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф, на Твитер порача дека народот на таа земја никогаш нема да ги заборави жртвите и хероизмот што полицијата ги покажала во борбата против тероризмот.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Во последните неколку месеци Пакистан сè почесто е место на терористички напади, особено покраините Хајбер Пахтунхва и Белуџистан.
Пакистанските власти веруваат дека зад овие напади стојат пакистанските талибанци (ТТП) со седиште во соседен Авганистан, а талибанските власти во Кабул ги отфрлаат овие тврдења.