Burç Eruygur
30 Март 2023•Ажурирај: 31 Март 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, денес изјави дека претстојното едномесечно претседателство на Русија со Советот за безбедност на Обединетите нации е „лоша шега“, пренесува Анадолу.
„Руското претседателство со Советот за безбедност на ОН на 1 април е лоша шега. Русија го узурпира своето место; води колонијална војна; нејзиниот лидер е воен злосторник баран од МКС за киднапирање деца. Светот не може да биде безбедно место со Русија во Советот за безбедност на ОН“, напиша Дмитро Кулеба на Твитер.
Советот за безбедност на ОН има 15 членки и неговото претседавање го има по еден месец секоја од членките, по англиски азбучен ред. Русија ќе го преземе претседателството во сабота.
Според Повелбата на ОН, сите членки се обврзани да ги почитуваат одлуките на Советот за безбедност, чија примарна одговорност е одржување на меѓународниот мир и безбедност.
Во декември минатата година украинското Министерство за надворешни работи тврдеше дека статусот на членството на Русија во ОН и нејзиното постојано место во Советот за безбедност по распадот на Советскиот Сојуз останале „нерешени“ од „гледна точка на меѓународното право“.
Се тврди дека Русија не ги исполнила главните критериуми за членство во ОН, повикувајќи се на првиот став од член 4 од Повелбата на ОН, во кој се вели дека „членството во ОН е отворено за сите мирољубиви држави“, алудирајќи на започнувањето на Москва на нејзината „специјална воена операција“ во Украина.