Ekip
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
ПРАГА (АА) - Новата малцинска влада на Чешката Република, предводена од популистичкиот милијардер Андреј Бабиш, беше распуштена откако минатата недела не успеа да добие доверба во задолжителното гласање во Собранието, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бабиш официјално му поднесе оставка на чешкиот претседател Милош Земан.
Земан, кој е сојузник на Бабиш, веднаш побара од него да се обиде повторно да формира влада, додавајќи дека очекува во февруари да ја положи премиерската заклетва.
Секоја нова влада ќе мора да ја стекне неопходната доверба на парламентарното мнозинство за да може да започне со работа.
Демократското движење на Бабиш АНО (АNO) победи на парламентарните избори во октомври, освојувајќи 78 места во Долниот дом, кој има 200 пратеници.
Сепак, ниту една друга парламентарна партија не се согласи да создаде мнозинска коалициска влада со AНО. Причината за тоа е што сметаат дека Бабиш е неподобен за премиер поради обвиненијата за злоупотреба на субвенциите од ЕУ.
Бабиш веќе најави дека следната Влада би можела да биде формирана без него.