Mehmet Yılmaz
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ПРАГА (АА) - Мехмет Јилмаз - Парламентарните избори коишто се одржаа изминатиот викенд во Чешка потврдија дека бранот на зајакнување на радикалната десница го зафати и тој дел од Европа, бидејќи евроскептичната и анти-исламска Партија на слободата и директната демократија (SPD) стана третата најсилна политичка опција во парламентот на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Популистичкото движење Сојуз на незадоволни граѓани (ANO) на чешкиот милијардер со потекло од Словачка, Андреј Бабиш, победи на парламентарните избори во Чешка, на кои голем пораз претрпеа традиционалните чешки политички опции.
Професорот од Универзитетот „ELTE“, Андор Мешарос, за АА рече дека поразот на чешките традиционални партии и релативниот успех на радикалната десница на политичката сцена, е главната карактеристика на изминатите избори.
Како коалициски партнер на Социјалдемократската партија, Бабиш во изминатите четири години ја извршуваше функцијата министер за финансии на земјата, а Мешарос смета дека тајната на успехот на движењето АНО лежи во тоа што Бабиш успеа да го убеди гласачкото тело дека е заслужен за позитивните трендови на чешката економија, а дека социјалдемократите во владата се одговорни за сите лоши работи.
„Јасно е дека АНО на Бабиш е победник на изборите, но тешко е да се каже кој е најголемиот губитник. Социјалдемократската партија со под десет отсто од гласовите претрпе најголем пораз од независноста на земјата. Меѓутоа, истото фијаско го доживеаја и другите традиционални чешки партии“, рече Мешарос.
Бабиш поради олигархиската позадина често го нарекуваат чешкиот Доналд Трамп, меѓутоа неговото движење АНО кое со освоените 30 отсто од гласовите нема да може самостојно да формира влада, а поголемиот дел чешки партии веќе се изјаснија дека не сакаат коалиција со него, бидејќи против него се водат низа истраги за економски криминал.
„Преговорите за коалицирање треба да завршат до 20 ноември. Речиси е извесно дека социјалдемократите веќе нема да формираат коалиција со Бабиш, така што му преостанува да се обиде да формира влада со Партијата за граѓанска демократија (ODS) или да формира малцинска влада, што е повеќе веројатно“, рече Мешарос.
Иако радикалната десница СПД очекуваше и значително подобри резултати, освоените 11 отсто од гласовите, односно 22 пратенички места во парламентот, се показател дека и на чешката политичка сцена стапила антимуслиманска и ксенофобична политичка опција.
„Многу е мала веројатноста дека СПД ќе влезе во коалиција со движењето АНО, но по сѐ изледа е јасно дека популистичката реторика дава резултат и во Чешка“, рече Мешарос.
Бабиш отворено се спротивставува на многу од политиките на Европската Унија и јакнењето на овластувањата на Брисел, а се очекува неговата влада дополнително да ја приближи Чешка до соседна Унгарија и Полска.
„Мислам дека надворешната политика на Чешка ќе ја сочинуваат насоките на Вишеградската група“, заклучи Мешарос.