Atila Altuntaş
17 Јули 2018•Ажурирај: 18 Јули 2018
СТОКХОЛМ (АА) - Властите на Шведска упатија остри критики на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, по неговиот вчерашен состанок со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп и Путин вчера се состанаа во главниот фински град, а по Самитот се обратија на новинарите и кажаа дека постои двострана желба и подготвеност за воспоставување долгорочен дијалог и нормализација на односите меѓу двете земји.
„Американската страна никогаш не кажа ни збор за илегалната руска анексија на украинскиот Крим“, порача шефицата на шведската дипломатија, Маргот Валстром.
Таа изјави дека е неприфатливо што американската страна, во текот на Самитот не ѝ упатила критика на Русија по ниту една основа.
„Ние во оваа ситуација сме за намалување на тензиите и воспоставување дијалот, но на дневниот ред на тој состанок немаше ниту еден сериозен проблем“, изјави Валстром.
Паралелно со тоа, поранешниот шведски министер за надворешни работи, Карл Билд, смета дека Трамп бил загрижувачки слаб и инфериорен за време на средбата со рускиот колега Путин.
„Трамп не упати ниту една критика на руската политика. Не можеше да каже ни збор за кризата во Украина. Ништо, дури ни кога стануваше збор за ситуацијата во Сирија. Трамп беше загрижувачки слаб, а изгледаше дека Путин апсолутно владее со ситуацијата“, порача Билд.