Kenan Irtak,Emrah Gökmen
03 Декември 2022•Ажурирај: 04 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Шведска вчера ѝ испорача на Туркије член на терористичката група ПКК/КЏК, известува Агенција Анадолија (АА).
Махмут Тат во Шведска е осуден на 6 години и 10 месеци затвор откако е приведен под обвинение дека е член на терористичката организација ПКК/КЏК.
Тат во 2015 година побарал азил во Шведска соочувајќи се со затворска казна поради членство во терористичка група, но барањето му е одбиено.
Тој е одведен во центарот за притвор во Молндал, а по завршената процедура со авион е испратен во Туркије.
Шведска и Финска формално поднесоа барање за пристап во НАТО во јуни оваа година, што е одлука поттикната од руската инвазија на Украина, но Туркије, како членка на НАТО, изрази забелешки на нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги Шведска и Финска поради толерантниот однос, па дури и поддршката на терористичките групи.
Овие три држави потпишаа трилатерален меморандум за разбирање на самитот на НАТО во јуни во Мадрид, што предвидува Финска и Шведска повеќе да не ја поддржуваат ЈПГ/ПЈД, односно сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ниту терористичката организација ФЕТО, која е одговорна за неуспешниот обид за пуч во Туркије во 2016 година.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 лица, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на таа терористичка организација.
Турските официјални лица, вклучувајќи го и претседателот Реџеп Таип Ердоган, предупредија дека Туркије нема да даде зелено светло за членството на Финска и Шведска сѐ додека меморандумот не се спроведе.
За пристап во НАТО потребна е согласност од сите 30 земји членки на Алијансата.