Ihvan Radoykov
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
СОФИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, истакна дека денешната Русија, која масакрира, уништува, мачи и силува, не заслужува разбирање, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кулеба во рамките на дводневната посета на Бугарија се состана со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска.
Говорејќи на прес-конференцијата одржана по средбата, Кулеба ѝ се заблагодари на Бугарија за поддршката за членството на Украина во ЕУ и НАТО и за заштитата на украинските имигранти.
Кулеба, потсетувајќи дека војната на Русија против Украина влезе во својот 55-ти ден, рече: „Ние не се бориме само за Украина, туку и за безбедноста на Бугарија и на сите земји во регионот на Црното Море. Се бориме за да не се соочите со руската агресија. Масакр, уништување. Денешната Русија, која масакрира, уништува, мачи и силува, не заслужува разбирање. Сакам да го разберете тоа.“
Тој нагласи дека копнее за одморот што го поминал во Бугарија со своето семејство во детството.
„Се надевам дека во блиска иднина Украинците повторно ќе ја посетат Бугарија како туристи, а не како имигранти“, рече тој.
Министерката Генчовска ја истакна важноста сите земји од ЕУ и НАТО да ја поддржат Украина.
Генчовска, наведувајќи дека Бугарија дава голема помош покрај тоа што е мала држава, рече: „Нашата земја со сопствени средства прими 91.000 украински имигранти. Бугарската организација на Црвениот крст испрати 1,5 милиони евра во Украина, а нашето Министерство за надворешни работи испрати 185.000 евра за помош.“
Министерката, посочувајќи дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, рече дека се надеваат дека во блиска иднина билатералната соработка ќе продолжи во мирна средина.