Cüneyt Karadağ,Erbil Başay
26 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц се состана со американскиот претседател Џо Бајден во пресрет на самитот на лидерите на Г7, јавува Агенција Анадолија (АА).
Средбата на Шолц и Бајден се одржа во палатата Елмау во германската покраина Баварија.
Двајцата лидери, кои имаа краток разговор пред состанокот, го нагласија единството на западните држави во војната што Русија ја започна против Украина.
Наведувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин не очекувал такво единство, Шолц рече дека тоа единство сега треба да се одржи.
Бајден му се заблагодари и на Шолц за неговата улога во одржувањето на единството на западните држави.
„Мораме да застанеме заедно“, кажа Бајден, додавајќи дека Путин очекува поделба во рамките на Г7 и НАТО.
Бајден првпат дојде во Германија како претседател на Соединетите Американски Држави (САД).
Во градот Елмау на Баварските Алпи во Германија денеска започнува самитот на лидерите на земјите на Г7 и ќе трае до 28 јуни.
Г7 е назив за групата или советот што се состои од седумте најразвиени земји во светот - Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД).
Целта на самитот е дополнително да се зголеми притисокот врз Русија, чии напади во Украина предизвикаа недостиг од храна и енергенти во светот.
Во германскиот град Минхен вчера по повод одржувањето на Самитот се одржаа протести на противниците на глобализмот, што ги поддржаа повеќе од 15 организации и здруженија.
Демонстрантите бараа да се стави крај на зависноста од руските фосилни горива и побараа Г7 да издвои повеќе средства за превенција на кризите, за економски развој, за заштита на животната средина и зачувување на животинскиот и растителниот диверзитет.