Aysu Biçer
26 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
ШЛОС ЕЛМАУ (АА) - Опасните „игри со гладот“ на Русија се одговорни за глобалната криза со храна, рече денес претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на самитот на Г7, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на седумте најбогати држави во светот се собраа во Германија на разговори за дополнителни санкции кон Русија и за обновата на Украина на среден и долг рок.
За време на прес-конференцијата на самитот, Мишел рече дека Кремљ ја користи храната како „тивко оружје на војната“.
„Мораме енергично да се спротивставиме на руската пропаганда за цените на храната и ѓубривата“, рече Мишел и додаде дека ЕУ ги поддржува напорите на ОН за повторно отворање на поморските патишта.
Нагласи дека се поддржани и глобалните иницијативи за безбедност на храната. „ЕУ работи на мобилизирање на речиси 600 милиони евра за поддршка на најпогодените партнери.“
Тој, исто така, потврди дека Блокот е посветен кон поддршка на обновата на Украина.
„Со државите од групата Г7, сите ние делиме исти цели: да го прекинеме кислородот на руската воена машинерија, истовремено водејќи грижа за нашите економии. ЕУ ќе стои до Украина на долг рок“, порача тој.
Денес во Шлос Елмау на Баварските Алпи започна тридневниот состанок на Г7.
Агендата на Г7 се смета за поитна од кога и да е, поради војната на Русија во Украина. Исто така, вреди да се забележи дека самитот се одржува пред самитот на земјите членки на НАТО во Мадрид (28-30 јуни) на кој ќе се дискутира за реструктурирање на Алијансата.