Elena Trenchevska Chekovic
02 Август 2025•Ажурирај: 05 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Шпанија денес соопшти дека од воздух фрлила 12 тони хуманитарна помош во Газа, каде што експертите поддржани од Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека гладот се шири поради блокадата на Израел, јавува Анадолу
Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Алварес рече дека пуштени се 24 падобрани, секој со по 500 килограми храна, обезбедувајќи залихи за приближно 11.000 луѓе.
„Гладот од кој страдаат луѓето во Газа е срам за целото човештво“, рече Алварес во видеопорака објавена на платформата за социјални медиуми X, која вклучуваше снимки од фрлањето на падобраните со храна. Тој додаде дека Шпанија, исто така, има подготвена помош за влез во Газа по копнен пат од Египет.
Алварес го повика Израел „трајно да ги отвори сите копнени премини за да може хуманитарната помош да влегува во големи количини“.
Израелската војска неодамна им дозволи на странските земји да спроведуваат воздушна достава на храна во Газа. Ваквите операции претходно резултираа со пакети со помош кои паѓаа врз цивилите предизвикувајќи смрт или слетувајќи во морето, поттикнувајќи ги очајните жители да ги ризикуваат своите животи за да дојдат до нив. Овој метод на достава се соочи со критики дека е неефикасен во споредба со испораката по копнен пат.
Минатата недела, Светската програма за храна (WFP) на ОН предупреди дека една третина од населението на Газа со денови е без храна поради израелската опсада. Според организацијата, еден од четири Палестинци во Газа сега се соочува со услови на глад, каде што над 100.000 жени и деца страдаат од акутна неисхранетост.
Израел наметнува блокада на Газа 18 години, а од 2 март ги затвори сите гранични премини, сериозно ограничувајќи ја хуманитарната помош и влошувајќи ги веќе тешките услови во енклавата. Палестинските власти велат дека се потребни најмалку 600 камиони со помош дневно за да се задоволат основните потреби на 2,4 милиони жители на Газа.
Од 7 октомври 2023 година, Израел спроведува немилосрдна воена офанзива во Газа, во којашто убиени се над 60.400 Палестинци, според палестинските власти.
Меѓународниот притисок продолжува да расте врз Израел за да дозволи неограничен пристап на хуманитарната помош, додека агенциите за помош предупредуваат на катастрофални нивоа на глад во Газа.