Ekipa
07 Март 2020•Ажурирај: 08 Март 2020
МАДРИД
Шпанската полиција приведе 89 лица осомничени дека припаѓаат на криминална организација која шверцува мигранти и хашиш од Северна Африка во континентална Шпанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Цивилната гарда на Шпанија соопшти дека криумчарската мрежа наводно користела глисери за доведување луѓе и дрога преку Гибралтарскиот Проток од Сеута, шпанска енклава на северот од Африка.
Националната агенција за спроведување на законот објави дека се пронајдени докази дека со 11 глисери се пренесени вкупно 269 лица и преку 10 тони хашиш. Полицијата соопшти дека криминалната група користела радарски системи и стража на брегот за да го избегне откривањето.
Според сознанијата на полицијата, мигрантите наводно биле задржувани од трговци со луѓе од Шпанија, сѐ додека нивните семејства не платат 5.000 евра.
Од Цивилната гарда не наведоа кога дошло до приведувањето на 89 лица. Во моментов под истрага се уште 39 лица. Од полицијата додаваат дека нејзините службеници досега заплениле над 10 тони хашиш, 26 глисери, 29 возила, 250.000 евра во готово и 12 парчиња огнено оружје.
Сеута е една од двете шпански енклави на северот од Шпанија, на брегот од Средоземното Море. Шпанскиот јужен брег е главна влезна точка за шверц на дрога во Европа.