Seyit Aydoğan
17 Јули 2017•Ажурирај: 18 Јули 2017
АШКРОФТ(АА) - Продолжува да се шири шумскиот пожар што ги погоди подрачјата Ашкрофт, Кеис Крик, 100 Мајл хаус и 150 Мајл Хаус, кои се наоѓаат во канадската покраина Британска Колумбија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на информативниот центар за пожари во Британска Колумбија, моментално 131.737 хектари шума се зафатени од пожарот.
Надлежните соопштија дека 14.000 лица се евакуирани до 10 јули, а оваа бројка до вчера се искачи на 37.000, додека 6.000 лица меѓу нив се официјално регистрирани.
Според соопштеното, пожарот погоди 162 различни места, а вкупно 2.895 лица се мобилизирани за интервенција.
Исто така се истакнува дека за спасувачките операции и за гасење на пожарот се мобилизирани 150 војници, а за борба со огнената стихија се користени 10 летала, од кои 3 воени хеликоптери.
Надлежните нагласија дека најголемиот фактор за ширење на пожарот е ветерот со брзина од 60 километри на час.
Според податоците од надлежните, еден хеликоптер кој учествувал во гасењето на пожарот се урнал, а пилотот е спасен.
Досега се потрошени 81 милион канадски долари (околу 56 милиони евра) за гасење на пожарите.
Изградени се 11 центри за засолнување за евакуираните лица, и доделена им е помош од прехранбени, медицински и хигиенски производи од страна на владини и невладини организации, меѓу кои и Црвениот крст на Канада.
Исто така, меѓународната хуманитарна организација „İslamic Relief Canada“ (Исламска помош Канада) започна кампања за собирање помош за лицата погодени од пожарот.
Од друга страна, 10 лица се приведени од страна на Канадската кралска коњичка полиција поради извршени кражби во евакуираните места.
Во шумските пожари во 2003 година, во канадската покраина Британска Колумбија беа евакуирани 50.000 лица.