Riyaz Khaliq Khaliq
09 Август 2024•Ажурирај: 10 Август 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Метеоролошката агенција на Јапонија предупреди дека во земјата е зголемена можноста за силен земјотрес, јавува Анадолу.
Предупредувањето е издадено по силниот земјотрес со јачина од 7,1 степени што вчера го погоди југозападниот дел на Јапонија, поради што премиерот Фумио Кишида денес го откажа патувањето во Централна Азија.
Тоа е „прво вакво предупредување за подрачјето околу коритото на Нанкаи“, кое се протега од Југозападна до Централна Јапонија, издадено од Јапонската метеоролошка агенција, наведува новинската агенција Кјодо њуз со седиште во Токио.
„Во најлошо сценарио, силен земјотрес би можел да зафати широко подрачје на Јапонија - од регионот Канто со центар на Токио до југозападниот регион Кјушу - а високи бранови од цунами може да ги проголтаат крајбрежните области од Канто до Окинава“, соопшти агенцијата.
Во Мијазаки и во две соседни префектури по земјотресот што вчера го погоди подрачјето пријавени се неколку повредени и материјална штета.
На Нова година Јапонија беше погодена од силен земјотрес со јачина од 7,6 степени во кој загинаа 238 луѓе, а најмалку 19 се водат како исчезнати на полуостровот Ното во Централна Јапонија.
Кишида требаше да лета за Астана за да копретседава со првиот самит со централноазиските држави Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Подоцна во Монголија требаше да се сретне со монголскиот претседател Ухнаа Курелсух, како и со премиерот Лувсанамсраи Ојун-Ерден.
Меѓутоа, закажаните посети се одложени.