Ahmad Adil
09 Август 2024•Ажурирај: 10 Август 2024
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, ќе се врати во земјата кога привремената Влада ќе одлучи да одржи избори, изјави денес синот на лидерката на партијата Лига Авами, пренесува Анадолу.
Саџиб Вазед Џој додаде дека Хасина нема план да бара азил во друга земја, објави дневниот весник „Тајмс оф Индија“.
Њу Делхи во вторникот соопшти дека Хасина, која побегна од Бангладеш во понеделникот поради протестите низ целата земја, се наоѓа во Индија.
„Засега таа е во Индија. Ќе се врати во Бангладеш во моментот кога привремената Влада ќе одлучи да одржи избори во земјата. Благодарен сум му на премиерот Нарендра Моди што ѝ го спаси животот на мајка ми за толку кратко време“, изјави Џој за дневниот весник, додавајќи дека партијата на Хасина, Лига Авами, ќе учествува на изборите и дека дури „може и да победи“.
Протестите што траат од минатиот месец резултираа со пад на 15-годишното владеење на Хасина. Околу 400 луѓе ги загубија животите за време на студентските протести поради квотата за работни места во јавната администрација.
Откако Хасина поднесе оставка во понеделникот, началникот на армијата на Бангладеш, генералот Вакер-уз-Заман, најави формирање на преодна влада.
Претседателот на Бангладеш, Мухамед Шахабудин, во вторникот го распушти Парламентот, кој беше избран во јануари кога Хасина стана премиерка четврти пат.
Нобеловецот Мухамед Јунус вчера положи заклетва да ја предводи 17-члената преодна администрација во Бангладеш.
Главната опозициска Националистичка партија на Бангладеш побара избори во земјата во рок од три месеци за да им се предаде власта на народните избраници.