свет

Јапонскиот премиер бара законска регулатива за „минимизирање на опасностите и ризиците“ од вештачката интелигенција

– Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денес побара да се донесе законска регулатива за „минимизирање на опасностите и ризиците“ од вештачката интелигенција, додека новиот чет-бот на кинескиот стартап „ДипСик“ го привлекува вниманието на технолошкиот свет

Islam Uddin  | 31.01.2025 - Обновена : 31.01.2025
Јапонскиот премиер бара законска регулатива за „минимизирање на опасностите и ризиците“ од вештачката интелигенција

ИСЛАМАБАД (АА) – Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денес побара да се донесе законска регулатива за „минимизирање на опасностите и ризиците“ од вештачката интелигенција (ВИ), додека новиот чет-бот на кинескиот стартап „ДипСик“ го привлекува вниманието на технолошкиот свет, јавува Анадолу.

Според извештајот на „Кјодо њуз“, Ишиба им рекол на пратениците дека употребата на ВИ е од суштинско значење за решавање на проблеми како што е ниската продуктивност со која се соочува Јапонија.

„Мора да создадеме основен план за тоа како да ги поттикнеме истражувањето и развојот, како и безбедната и сигурна употреба на ВИ“, изјави Ишиба.

Сепак, тој додаде: „Наш најголем предизвик е да предложиме законодавство што ќе ја максимира погодноста од ВИ, а истовремено ќе ги минимизира опасностите и ризиците поврзани со нејзината употреба.“

За да донесе каков било закон поврзан со ВИ, Ишиба треба да има поддршка на опозициските партии во Долниот дом на Парламентот бидејќи владејачката коалиција на Либерално-демократската партија и Комеито нема доволно пратеничка поддршка за мнозинство од 233 гласа.

„ДипСик“ се смета за најпреземана бесплатна апликација во САД. Инвеститорите се изненадени од тоа како оваа нискобуџетна алатка за вештачка интелигенција успеа да се натпреварува со водечките апликации за вештачка интелигенција, како ЧетЏПТ на ОупенАИ.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ненадејниот успех на „ДипСик“ треба да биде „аларм“ за американските технолошки компании.

Американските власти изразија загриженост дека кинеската апликација може да претставува закана за националната безбедност.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.