Ahmet Furkan Mercan
29 Октомври 2020•Ажурирај: 30 Октомври 2020
ТОКИО
Во меѓусебните односи ние ќе го браниме она што треба да се брани. Одлучноста во односите со Кина е многу важна, изјави јапонскиот премиер Суга Јошихиде, при што ја потенцира важноста на стабилноста на односите со Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Суга, кој стапи на должноста премиер во септември, во Претставничкиот дом одговори на прашањата на претставниците на опозицијата.
Суга, одговарајќи на прашањата од областите како што се дипломатијата, економијата, коронавирусот, домашната политика, рече дека ќе вложи максимални напори емисијата на јаглерод до 2050 година да ја намали на нула.
Во овој контекст, на прашањето дали Јапонија ќе се сврти кон нуклеарна енергија, Суга рече дека негова цел е максимална посветеност на заштедите и обновливите извори на енергија и дека нивото на зависност од нуклеарната енергија ќе се намали што е можно повеќе.
Наведувајќи дека изворот на 80 проценти од емисиите на стакленички гасови е енергетскиот сектор, Суга рече: „Целта е нула емисија на јаглерод до 2050 година, тоа не е лесно. Владата ќе работи на сите опции.“
Запрашан за економијата на земјата која е многу лошо погодена од епидемијата Ковид-19 и какви мерки ќе бидат преземени, премиерот Суга рече дека има за цел да го стимулира секторот за туризам и храна со продолжување на кампањата „Патувај“.
Нагласувајќи дека меѓународните туристи се од витално значење за домашната економија, Суга рече дека мерките против Ковид-19 ќе продолжат да се применуваат и дека ограничувањата за патувања постепено ќе се олабавуваат.
Суга, за тврдењата дека „новиот кабинет нема искуство во дипломатијата и дека тоа може да влијае на билатералните односи со земји како што се САД и Кина“, рече дека основата на надворешната политика на неговата земја се заснова на постојниот безбедносен сојуз со САД.
Истакнувајќи дека стабилните односи со нејзиниот регионален сосед Кина се важни и од билатерален аспект и од аспект на меѓународните односи, Суга рече: „Во меѓусебните односи ние ќе го браниме она што треба да се брани. Одлучноста во односите со Кина е многу важна. Преку активна дипломатија ние сме решени да ја продлабочиме соработката и довербата со секоја земја.“