Ali H. M. Abo Rezeg
13 Јуни 2020•Ажурирај: 16 Јуни 2020
САНА (АА) - Бунтовниците Хуси соопштија дека се подготвени да се вклучат во „јавен дијалог“ со коалицијата предводена од Саудиска Арабија, со цел да се стави крај на петгодишните судири во Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме подготвени за јавен дијалог со агресорските земји со цел да постигнеме прекин на огнот и да ставиме крај на петгодишната опсада на Јемен“, рече Мухамед Али ал-Хуси, челникот на Врховниот револуционерен комитет на Хусите, во интервју за Би-Би-Си (BBC) кое во целина треба да се објави утре.
Тој истакнува дека моменталните контакти со коалицијата сè уште не се на ниво на преговори.
„Ние сме подготвени да одиме во Ријад под услов да се води јавен дијалог кој ќе резултира со целосен прекин на огнот во Јемен“, рече Ал Хуси.
Од коалицијата предводена од Саудиска Арабија сè уште нема коментар во врска со овие изјави.
Јемен е средиште на судири уште од 2014 година, кога бунтовниците Хуси зазедоа поголем дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Кризата ескалираше во 2015 година, кога воената коалиција предводена од Саудиска Арабија започна голема воздушна кампања насочена кон враќање на територијалните придобивки на Хусите.
Десетици илјади Јеменци, меѓу кои и цивили, се убиени во судирите, кои доведоа до најтешката хуманитарна криза во светот, бидејќи милиони останаа изложени на ризик од изгладнување.