Betül Yürük
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ЊУЈОРК (АА) - Весникот „Њујорк тајмс“ („The New York Times“) пишува дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира на Саудиска Арабија да ѝ продаде нуклеарен реактор кој може да се користи за производство на нуклеарно оружје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Авторот на текстот, Николас Кристоф, пишува дека првиот советник на Трамп, Џерад Кушнер, неодамна се состанал во Ријад со саудискиот принц Мухамед бин Селман и тврди дека една од темите за кои се разговарало била и американската помош во развојот на саудиската нуклеарна програма.
Истакнувајќи дека администрацијата на Трамп гласно се залага за денуклеаризација на Северна Кореја и Иран, новинарот на „Њујорк тајмс“ понатаму наведува дека Белата куќа планира да ѝ помогне на Саудиска Арабија во развојот на нуклеарните капацитети.
Иако Саудиска Арабија тврди дека сака нуклеарни реактори да се градат исклучиво за производство на електрична енергија, авторот на текстот тврди дека зад овој план може да се крие планот за производство на нуклеарно оружје, бидејќи увозот на суровини за нуклеарните централи би бил значително поевтин од сопственото производство на кое инсистира официјален Ријад.
Истиот извор тврди дека семејниот бизнис на зетот на Трамп, Кушнер, ја надминал кризата на пазарот на недвижности преку вредните деловни договори склучени во Саудиска Арабија.