Ekipa
13 Мај 2017•Ажурирај: 14 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, во интервју за „BBC“ изјави дека неговата земја ќе продолжи со борбата против терористичките организации и во наредниот период, пренесува Anadolu Agency (AA).
На прашањето дали Турција ќе преземе конкретни чекори по одлуката на американските власти да ги вооружат ЈПГ - огранокот на терористичката организација ПКК во Сирија, Јилдирим одговори дека Анкара поради тоа нема намера да му објави војна на Вашингтон.
„Нема да им објавиме војна на САД заради тоа. Не станува збор за тоа. Ние ќе ја продолжиме борбата против терористичката организација, без оглед дали се вика ПКК ПЈД или ЈПГ“, рече Јилдирим.
На прашањето дали Турција ќе продолжи да ги бомбардира ЈПГ во Сирија, дури и ако нив ги вооружи САД, турскиот премиер одговори потврдно.
„Се разбира, да. Ако постои закана, се разбира дека тоа ќе го направиме“, нагласи Јилдирим.
На крајот тој истакна дека и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за време на посетата на САД, на американскиот претседател Доналд Трамп ќе му порача дека не може да се води борба против тероризмот во соработка со друга терористичка организација.
„Пораката е јасна. Претседателот ќе им пренесе дека од почетокот сме сојузници и стратешки партнери во НАТО. Ќе им се каже дека само со Турција може да ја водат борбата против терористичките организации во регионот, а не со други терористички организации. Ова е првата порака. Втората порака е дека се соочивме со сериозен обид за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО и дека лидерот на оваа терористичка организација живее во САД. Ќе им се каже дека мора да го депортираат по завршувањето на судскиот процес“, рече Јилдирим.
Турскиот премиер се наоѓа во Лондон по повод одржувањето на Конференцијата за Сомалија.