АНКАРА (АА) - БАРИШ ЃУНДОГАН – Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија продолжуваат да напредуваат во стегање на обрачот околу центарот на Африн, кој е под окупација на терористичката организација ЈПГ/ПКК, а во ослободување на регионите се откриени нови документи и снимки, кои потврдуваат дека терористите принудно ги носат малолетните лица на боишта, за што зборуваат и извештаите на бројните меѓународни организации за човекови права, јавува Anadolu Agency (AA).
Во досегашниот тек на операцијата „Маслинова гранка“, Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија во подрачјето на Африн ослободија пет од шест градови и под опсада го ставија центарот на градот Африн.
Соочени со големи губитоци на терен, терористите на ЈПГ/ПКК вршат сè поголем притисок на цивилите во тој регион, а посебно на малолетниците, кои принудно ги водат во камповите за обука и на боишта.
Во ослободените делови на Африн се пронајдени голем број нови документи, кои ги потврдуваат тие наводи.
Турските војници и борци на сириската опозиција запленија голем број фотоапарати, кои ги пронашле кај неутрализираните терористи или во нивните засолништа, а на мемориските картички на тие апарати се наоѓаат фотографии и снимки, на кои, исто така, се гледаат малолетниците, кои принудно се однесени на боишта.
И меѓународната организација „Human Rights Watch“ (HRW) во повеќе наврати предупредуваше на кршење на правата на децата, кои терористите на ЈПГ/ПКК принудно ги носат на боишта, а запленетите фотографии и снимки тоа несомнено го потврдуваат.
На снимките се гледаат малолетници на возраст од 13 до 17 години, кои се униформирани и вооружени во терористичките кампови.
Децата на школска возраст, кои би требало да носат моливи и ранци и да си играат во дворовите, на фотографиите позираат со калашникови и војнички ранци во терористичките кампови на планините, во кои се гледаат и постери на лидерите на терористичката организација ПКК, вклучувајќи го и Абдула Оџалан.
Иако Меѓународната заедница не прави ништо за заштита на децата, кои принудно се носат на боиштата, тој проблем е често укажуван на јавноста од организациите за заштита на човекови права.
Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации, потоа „Human Rights Watch“ (HRW) и „Amnesty International“ (AI), се само некои од организациите, кои во извештаите забележаа дека терористите на ЈПГ/ПКК во своите редови принудно ги носат децата-војници и така го кршат Меѓународното право.
Ресорната пратеничка на генералниот секретар на ОН, Вирџинија Гамба, по повод 12 февруари, кога се одбележува Меѓународниот ден против користење на децата во војна, објави соопштение, во кое се наведува дека Сирија е земја во која тој проблем е најизразен.
Репортерите на АА јавуваат дека терористичката организација ПКК, на северниот дел на Сирија ги киднапира децата и принудно ги води во кампови, а потоа и на боишта, токму како што со години практикува и во планинските делови на југоисточниот дел на Турција.
Меѓународната независна комисија на ОН за Сирија, уште во 2013 година во Извештај предупреди на тоа дека ЈПГ/ПКК принудно ги носи децата во војна, а на истиот проблем е укажано и во Извештајот за состојбата на човековите права, кој САД го објави во 2014 година.
САД и во Извештајот за трговија со луѓето од 2015 година предупреди на киднапирањето на курдските деца и принудното носење во редовите на ПКК.
САД во ист Извештај од 2016 година наведе дека сирискиот огранок на ПКК, ПЈД/ЈПГ, и понатаму во своите редови ги носи и обучува децата на возраст под 15 години.
Во Извештајот на САД за состојбата на човековите права од 2014 година и во делот кој зборува за состојбата во Турција, наведено е дека терористичката организација ПКК, систематски ги носи децата во своите редови, но дека не се знае точниот број на децата во таа организација.
Се наведува дека семејствата на киднапираните деца и младите организирале и низа масовни протести со барање ПКК да ги ослободи нивните деца.
Меѓународното право стриктно го забранува користењето на децата во војна, а Независната комисија на ОН за Сирија, уште во 2013 година утврди дека терористите на ЈПГ во Африн и Хасеке, во своите редови ги носат момчињата и девојчињата на возраст од 12 години.
Истата година и во Извештајот на ОН „Децата и вооружените судири“, е наведено дека во составот на курдските вооружени групи во регионот на Хасеке, дејствуваат и децата на возраст од 14 до 17 години.
Меѓународната организација „Human Rights Watch“ (HRW) на 19 јуни 2014 година објави извештај „Тортурата во сириските региони“ под контрола на ПЈД, а во Извештајот е наведено дека таа терористичка организација во Африн, Кобане и Џезира, на контролните пунктови и боиштата ги користи малолетниците.
HRW на 22 декември 2016 година објави соопштение под наслов „Вооружените групи во Ирак ги користат децата“, а во текстот посебно се укажува на таквата пракса на терористичката организација ПКК.
Во истиот текст се наведува дека на северниот дел на Ирак се утврдени најмалку 29 случаи на злоупотреба на децата од страна на ПКК. Случаите се однесуваат на децата, кои терористите принудно ги носеле во вооружени судири или ги користеле за подготовка на оружје и за други работи во терористичките кампови.
За принудната мобилизација и носење во војна на децата од страна на сирискиот огранок ПЈД, неколку извештаи објави и опсерваторијата „Kurd Watch“, со седиште во Германија.
Во тие извештаи се наведуваат и конкретните имиња на децата кои се одвоени од семејствата и однесени во редовите на ПЈД/ЈПГ.
Меѓу стотиците деца во рамките на ПЈД/ПКК е и 12-годишната Фатма С. А., чие семејство за „Kurd Watch“ изјави дека еден ден едноставно исчезнала.
Сличен случај е и со 13-годишниот Маис М. А., кој терористите на ЈПГ го зеле од неговото училиште, а неговото семејство подоцна дознало дека тој се наоѓа во еден од камповите на таа група.
Од „Kurd Watch“, исто така, се наведува дека 16-годишната Сидра М. С. У. загинала во јуни 2015 година, поради несмасно управување со пушка, додека во редовите на ПЈД работела како сообраќаец во местото Тел Тамр.
news_share_descriptionsubscription_contact


