Associated Press
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, тврди дека Самитот на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Виетнам не е потполн неуспех за Вашингтон, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп и Ким на Самитот во Виетнам не постигнаа договор, а советникот на Белата куќа, Болтон, тврди дека тоа не значи дека Самитот бил неуспешен.
Болтон тврди дека фактот што Трамп не успеал да ја убеди Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје по прифатливи услови за САД, треба да се гледа како на успех.
Тој појасни дека тоа е успех, бидејќи се потврди оти САД имаат претседател кој ги штити и унапредува американските национални интереси и не отстапува од нив.
Болтон за телевизискиот канал „Си-би-ес“ (CBS) изјави дека главното прашање на Самитот било дали Северна Кореја е подготвена да го прифати она што Трамп го најавуваше како голем договор за денуклеризација.
Претседателот на САД, Трамп, по завршувањето на Самитот во Ханој, рече дека Ким Џонг Ун за отстапување од нуклеарната програма побарал потполно укинување на меѓународните санкции.