Aness Suheil Barghoti
03 Март 2019•Ажурирај: 04 Март 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Меѓународниот новинарски институт (IPI) изрази длабока загриженост во врска со израелското апсење и депортацијата на Мустафа ал Каруфа, фотограф на Anadolu Agency (AA).
„Загрижени сме поради тоа што апсењето на Ал Каруфа на 22 јануари и последователната одлука за депортација е заснована на неговата работа како новинар кој известува за прашањата кои се непријатни за Владата на Израел“, истакнува Скот Грифен, заменик-директорот на Институтот со седиште во Виена, во писмото до израелскиот министер за внатрешни работи, Ариех Дери, и додава:
„Владата на Израел не наведе никаква причина за неговото апсење и против него не е покрената кривична постапка.“
Израелската полиција го уапси Ал Каруфа на 22 јануари. Оттогаш се наоѓа во Центарот за депортација на илегални странски мигранти.
Израелските обвинители за Ал Каруфа, кој е роден во Алжир, бараат протерување од Западниот Брег во соседен Јордан, и покрај фактот што неговото семејство потекнува од Ерусалим.
Ал Каруфа поседува јордански пасош кој му овозможува да патува во соседните арапски земји, но со него нема право на државјанство или престој во Јордан.
Грифен го повика Дери да ги почитува човековите права и да ја брани слободата на медиумите, со тоа што ќе обезбеди Ал Каруфа да биде ослободен од затвор и ќе ја повлече одлуката за депортација.
„Многу сме загрижени дека ако биде депортиран, Ал Каруфа нема да биде во можност да отиде во ниту една земја, бидејќи технички е лице без државјанство. Одделувањето од семејството би претставувало грубо кршење на човековите права и ќе се смета за обид за замолчување на новинарите“, нагласува Грифен.
Се огласија и Репортери без граници, кои преку Твитер ја повикаа израелската Влада да го ослободи Ал Каруфа и да му дозволи да добие документи за престој.
Ал-Каруфа работи како фотограф за Anadolu Agency од август минатата година.