Ahmet Gürhan Kartal,Can Erözden
12 Јули 2021•Ажурирај: 13 Јули 2021
ЛОНДОН
Истрага за расистичките и навредливи коментари на интернет насочени кон тројцата репрезентативци на Англија кои не успеаја да ги реализираат пеналите во синоќешното финале на УЕФА ЕВРО 2020 против Италија, соопшти британската полиција денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Свесни сме за големиот број навредливи и расистички коментари на социјалните мрежи, што се насочени кон фудбалери по финалето на ЕУРО 2020“, се вели во соопштението на полицијата од Метрополитен.
„Оваа злоупотреба е тотално неприфатлива, нема да се толерира и ќе се испитува.“
Соопштението е издадено по расистичките коментари на социјалните мрежи кон англиските ѕвезди Маркус Рашфорд, Џејдон Санчо и Букајо Сака по синоќешниот пораз од Италија на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Голем број корисници на социјалните мрежи објавија навредливи коментари за тројцата црномурести англиски репрезентативци, обвинувајќи ги за поразот во првото европско финале на Англија.
„Фудбалерите на англиската репрезетнација заслужуваат да бидат пофалени како херои, а не да бидат расистички малтретирани на социјалните мрежи. Одговорните за оваа ужасна злоупотреба треба да се срамат од себе“, напиша премиерот Борис Џонсон на Твитер.
Фудбалската асоцијација (ФА) исто така објави соопштение со осуда на расистичките коментари.
„ФА остро ги осудува сите форми на дискриминација и е згрозена од расизмот преку интернет, насочен кон некои репрезентативци на Англија на социјалните мрежи“, се вели во соопштението на ФА.
Во соопштението се наведува: „Треба да е јасно дека некој што стои зад ваквото одвратно однесување не е добредојден да го следи тимот. Ќе сториме сè што можеме за да ги поддржиме погодените играчи, барајќи најстроги казни за секој одговорен.“
За време на ЕУРО 2020, англиските репрезентативци клекнуваа на едно колено пред почетокот на секој натпревар за да ја зголемат свеста за борбата против расизмот и дискриминацијата.
Во вчерашното финале на ЕВРО 2020 во фудбал, репрезентацијата на Англија загуби од Италија со 3:2 по изведувањето на ударите од белата точка, кој беше одложен минатата година поради пандемијата на коронавирусот.
Во меѓувреме, Италија е нов европски фудбалски шампион, освојувајќи го својот втор трофеј на европските првенства, по оној во 1968 година. Во далечната 1968 година во финалето на третото Европско фудбалско првенство одиграно на 8 јуни 1968 година Италија и СФРЈ одиграа без победник 1:1. За да се добие фудбалскиот шампион на Европа, одигран е втор натпревар кој заврши со победа на Италија од 2:0 и освојување на прва европска фудбалска титула на азурите.