Fatjon Cuka, Malik Hasa
06 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
СКАДАР (AA) - По завршувањето на натпреварот помеѓу Албанија и Македонија, кој заврши со резултат 2:1 за домаќинот, тренерите на двете репрезентации, Џани Де Бијаси и Игор Ангеловски одржаа прес конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Де Биаси изјави дека неговата екипа одигра добар меч за себе, но пред се за публиката. „Репрезентацијата на Македонија е добар и силен тим што се покажа и денеска. Меѓутоа ние одигравме добро за публиката и за Албанија во целина. Нашите најтешки натпревари ќе бидат против Македонија, Израел и Лихтенштајн. Фудбалот е чудесен и непредвидлив. Вчера никој не можеше да претпостави дека Македонија ќе изедначи, меѓутоа ние сме добар тим и не дозволуваме да ни се случуваат вакви грешки", истакна Де Биаси.
Тренерот на Македонската репрезентација Игор Ангеловски, рече дека тие не се задоволни од резултатот бидејќи македонските играчи примија гол на самиот крај од натпреварот.
„Како што знаете се одигра натпревар во два дена и нормално не може да биде човек задоволен кога на крајот ќе изгуби со гол примен во 90-та минута. Жалам за натпреварот, мислам дека успеаме да се спротиставиме на Албанија. Ги сведовме нивните шанси на теорија. Имаа два удари во рамките на голот кој за жал завршија во нашата мрежа. Во судиското надополнување имавме чист зицер но голманот Бериша одбрани. Јас би сакал да ѝ честитам на репрезентацијата на Албанија", изјави Ангеловски на прес-конференцијата. Додаде дека неискористените шанси во нападот и лошите реакции во одбраната резултираа со пораз на гостувањето кај соседна Албанија.
„Мислам дека во најмала рака бевме рамнорпавен противник, но тоа не се памти, се памти оној кој ги освојува бодовите. Такви грешки не можат да се дозволат на ваквите натпревари, и за првиот и за вториот гол лошо изреагиравме во одбраната и за сето тоа бевме казнети", заклучи тренерот Ангеловски.
Денес, на стадионот „Лоро Боричи" во Скадар се одиграа преостанатите петнаесетина минути од натпреварот меѓу репрезентациите на Албанија и Македонија, во рамките на квалификациите за Светското првенство „Русија 2018“.
Поради лошите временски услови, синоќешниот натпревар беше прекинат во 75. минута, на одлука на судијата.
Натпреварот заврши со резултат 2:1 за домашната репрезентација. Со овој резултат, Албанија ги зеде првите три поени во групата Г од квалификациите за Светското првенство.
Синоќешниот натпревар меѓу фудбалските репрезентации на Албанија и Македонија беше прекинат во 75. минута, а резултатот беше 1:1. Судијата на напреварот и делегатите на УЕФА одлучија преостанатиот дел од вчерашниот натпревар да се одржи денес.