Elvir Hociç
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
РИМ (АА) - Искусниот фудбалски стручњак, Карло Анчелоти, ја одби понудата да го преземе местото селектор на италијанската фудбалска репрезентација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Спортските весници „Corriere dello Sport“ (Кориере дело спорт) и „Gazzetta dello Sport“ (Газета дело спорт) јавуваат дека Анчелоти вчера го известил Фудбалскиот сојуз на Италија дека не е заинтересиран за позицијата селектор на популарните „азури“.
Анчелоти е без ангажман од септември минатата година, кога доби отказ од Баерн од Минхен по поразот од 0:3 од Париз Сен Жермен во Лигата на шампионите.
Претходно, италијанските медиуми јавија дека Анчелоти во понеделникот во Рим имал состанок со Роберт Фабричини, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Италија и со неговиот заменик, Алесандро Костакурта. Медиумите објавија дека состанокот траел час и половина и дека се разговарало за многу детали, пред сè за луѓето кои би работеле во стручниот штаб на Анчелоти.
Италија е без трајно решение на клупата на Италија од ноември минатата година, кога Џанпјеро Вентура беше сменет по неуспехот во баражот за Светското првенство 2018 година. Како привремено решение именуван е Луиџи Ди Биаџо, актуелниот селектор на младинската репрезентација на Италија.
Освен Анчелоти, на листата евентуални кандидати за селектор на Италија се наоѓаат и Роберто Манчини, Антонио Конте и Клаудио Раниери.