Dejan Maksimovic
01 Февруари 2018•Ажурирај: 02 Февруари 2018
ЛОЗАНА (АА) - Арбитражниот суд за спорт (CAS) ја усвои жалбата на 28 руски спортисти и ја поништи доживотната забрана за настап на Олимписките игри, што им ја изрече Меѓународниот олимписки комитет (МОК) поради допинг, јавува Anadolu Agency (AA).
Арбитражниот суд за спорт соопшти дека доказите со кои е утврдено дека 28-те руски спортисти ги прекршија правилата за допинг на Олимписките игри во Сочи во 2014 година, се недоволни.
Сите 28 спортисти на кои им е симната суспензијата имаат право да достават барање за настап на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг кои ќе започнат на 9 февруари.
Жалбата на други 11 руски спортисти е делумно усвоена и нивната доживотна суспензија е намалена на забрана само за игрите во Пјонгчанг.
МОК им испрати покани на 169 руски спортисти да настапат на Олимписките игри во Јужна Кореја, но под олимпиското знаме и без национални карактеристики. Сепак, по денешната одлука на КАС, постои можност МОК да ја разгледа оваа одлука и да им дозволи на Русите да настапат под нивното знаме.
Засега не е познато дали некој од 28-те руски спортисти кои се суспендирани ќе аплицираат за настап во Пјонгчанг. Некои од нив, претходно најавија дека ќе престанат активно да се занимаваат со спорт.
Зимските олимписки игри во Пјонгчанг ќе бидат одржани од 9 до 25 февруари оваа година.