Dejan Maksimoviç
31 Мај 2018•Ажурирај: 31 Мај 2018
МАДРИД (АА) - Шпанските даночни власти во средата ја одбија понудата од 14 милиони евра на Кристијано Роналдо, фудбалерот на Реал Мадрид, со цел затворање на случајот со даночната измама. Португалскиот фудбалер ја понуди спомената сума и ја призна вината во замена за намалување на затворската казна во траење до две години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според шпанскиот закон, доколку осуденикот на максимум две години затвор претходно немал пресуди, тој не издржува затворска казна.
Обвинителството на Шпанија во јуни минатата година го обвини Роналдо за даночна проневера во износ од 14,8 милиони евра.
Даночната управа на Шпанија ја одби понудата на Роналдо, барајќи фудбалерот да го плати вкупниот износ на даночната обврска плус камата, паричната казна и трошоците од судскиот процес, што вкупно изнесува скоро 28 милиони евра. Роналдо може или да го плати тој износ до 15 јуни оваа година или ќе му се суди за даночна измама по враќањето од Светското првенство во Русија.
Ако португалскиот репрезентативец реши да оди на судење, се соочува со затворска казна во траење од најмалку осум години доколку биде прогласен за виновен.