Satuk Buğra Kutlugün
31 Мај 2018•Ажурирај: 01 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Тренерот Зинедин Зидан, денес соопшти дека нема да го води Реал Мадрид следната сезона, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата попладнево во Мадрид, Зидан (45) истакна дека на носителите на титулата во Лигата на шампионите им треба промена за да продолжат со победите.
„Донесов одлука да не продолжам како тренер на Реал Мадрид, тоа е чуден момент, но на овој тим му треба промена за да продолжи да победува, потребен е друг говор, друга методологија на работа и затоа ја донесев оваа одлука“, изјави Французинот пред новинарите.
На прес-конференцијата присуствуваше и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, кој истакна дека ова е неочекувана одлука.
„По освојувањето на Европскиот куп ова е неочекувана одлука, но ние можеме само да ја прифатиме и да ја почитуваме“, рече Перез.
Зинедин Зидан е единствениот менаџер кој трипати по ред ја има освоено УЕФА Лигата на шампиони. Тој, исто така, го подигна трофејот во Ла Лига во сезоната 2016/2017.