Emre Aşıkçı
25 Февруари 2022•Ажурирај: 26 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Поради воената интервенција во Украина, Формула 1 денеска потврди дека трката за Големата награда на Русија е откажана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Светскот шампионат Формула 1 на ФИА ги посетува земјите низ светот со позитивна визија за обединување на народот, зближувајќи ги нациите. Ние ги следиме случувањата во Украина со тага и шок, и се надеваме на брзо и мирно решение на сегашната ситуација“, се вели во соопштението на Ф1.
„Во четвртокот вечерта, Формула 1, ФИА и тимовите дискутираа за позицијата на нашиот спорт, и заклучокот беше, вклучувајќи ги сите релевантни засегнати страни, дека е невозможно да се одржи рускиот Гранд при во сегашните околности“, додадоа тие.
‒ Кризата во Донбас и воената интервенција на Русија ‒
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од земјата.
Русија тогаш нелегитимно го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречени администрации во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло.
Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и Украинската армија. Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили.
Сепак, кршењето на прекинот на огнот продолжи. До февруари во судирите загинаа околу 14.000 луѓе.
Тензиите почнаа да ескалираат кон крајот на минатата година кога Украина, САД и сојузниците ја обвинија Русија дека распоредува десетици илјади војници до границата со Украина.
Тие тврдеа дека Русија се подготвува да го нападне својот западен сосед, обвинувања кои постојано беа отфрлани од Москва.
Москва официјално ги призна Доњецк и Луганск како независни републики претходно оваа недела, по што вчера започна воена операција во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека операцијата има за цел да ги заштити луѓето „подложени на геноцид“ од Киев и да ја „демилитаризира и денацифицира“ Украина, а истовремено ја повика Украинската армија да го положи оружјето.