Aida Cako
21 Јули 2025•Ажурирај: 22 Јули 2025
СКОПЈЕ (АА) - Во рамки на 18-от Летен европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) 2025 денес се одржа натпреварот меѓу турската и словенечката одбојкарска репрезентација во женска конкуренција до 19 години. Турската селекција оствари победа со резултат од 3:0 во сетови, јавува Анадолу.
Натпреварот од групата А се одигра во Спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
Репрезентацијата на Турција победи со резултат 3:0, по сетови 25:17, 25:21 и 25:13.
Капитенката Џејлин Кујан постигна најмногу поени во турската репрезентација, вкупно 16 поени, додека Иза Корен од словенечката репрезентација постигна 12 поени.
Со ова, Турција моментално се искачува на првото место со 3 освоени бода, додека следниот натпревар во групата А е помеѓу Северна Македонија и Италија, кој исто така ќе се игра денес во 18:00 часот.
- ЕМОФ 2025
Со свечена церемонија што се одржа синоќа во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, официјално започна Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) 2025 – најголемиот мултиспортски настан досега организиран во Северна Македонија.
Олимпискиот фестивал ќе трае седум дена и ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер плеј, солидарност и пријателство.
ЕМОФ 2025 ќе опфати натпревари во 15 спортови, а дел од дисциплините ќе се одржат и во Куманово и во Осиек, Хрватска.
На фестивалот учествуваат над 4.000 млади спортисти на возраст од 14 до 18 години.
На ЕМОФ 2025, екипите ќе се натпреваруваат во стрелаштво, атлетика, бадминтон, кошарка, кошарка 3x3, велосипедизам, планински велосипедизам, уметничка гимнастика, џудо, кајак, пинг-понг, ракомет, одбојка, таеквондо и пливање.
Фестивалот ќе заврши на 26 јули.