Ekipa
03 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Фудбалската репрезентација на Македонија, во рамките на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство 2022, вечерва на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје одигра реми без погодоци против репрезентацијата на Ерменија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Првото полувреме помина со офанзивна и борбена игра на македонската репрезентација, но со пропуштени неколку шанси за гол, од кои посериозни во 28-та, 29-та и 31-та минута од капитенот Ристовски, Александар Трајковски и Костадинов. Ерменците во првото полувреме имаа една посериозна закана кон голот на Северна Македонија.
Во второто полувреме, во 63-та минута, Северна Македонија имаше одлична можност за гол. Алиоски зададе јак удар од 20 метри, но голманот на Ерменија одбрани. Во 90-та минута од натпреварот Алиоски ја имаше најголемата шанса со одличен шут од 18 метри но поради поставеноста на Ашковски во тој момент пред голот на Ерменија топката беше блокирана.
Ерменија по трите победи и со ова реми има 10 бода и останува лидер на табелата, додека Северна Македонија има седум бода и е на третото место, зад Германија, која го совлада Лихтенштајн. Во рамки на квалификациите, на 5 септември Северна Македонија ќе биде гостин на Исланд, додека на 8 септември ќе биде домаќин на Романија.