Doga Kirmizioglu
25 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Познати се репрезентациите што ќе играат во четвртфиналето на турнирот „Копа Америка“ организиран од страна на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), пишува Anadolu Agency (AA).
Во Бразил се организира 46. Копа Америка и со синоќешните два натпревари во групата Ц, заврши натпреварувањето по групи.
Синоќа на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро се сретнаа Уругвај и Чиле. Уругвај извојува победа од 1:0 со погодокот на Единсон Кавани во 82. минута од натпреварот.
Со оваа победа Уругвај ја зазеде првата позиција во групата со 7 поени, а Чиле е второпласиран со 6 поени. И двете репрезентации се пласираа во четвртфиналето на Копа Америка.
Вториот натпревар од групата Ц, меѓу репрезентациите на Јапонија и Еквадор се одигра на стадионот „Минеирао“ во градот Бело Хоризонте. Натпреварот заврши нерешено 1:1. Јапонија поведе во 11. минута со погодокот на Шоја Накаџима, а Еквадор изедначи на 1:1 преку Анхел Мена во 35. минута од натпреварот.
По оваа нерешена средба, Јапонија ги заврши натпреварите по групи со 2 поени, додека Еквадор освои само 1 поен.
Четвртфиналните средби од Копа Америка се закажани за 28 и 29 јуни. Се среќаваат Бразил - Парагвај, Венецуела - Аргентина, Колумбија - Чиле и Уругвај - Перу.
Полуфиналните средби на турнирот ќе се одиграат на 3 и 4 јули. Борбата за третото место на турнирот ќе се игра на 6 јули (сабота) со почеток во 21:00 часот по средноевропско време, додека финалето на Копа Америка е закажано за 7 јули (недела), во 22:00 часот.