Ivana Ramadanova
20 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонија, заедно со Словенија и Црна Гора ја добија честа од Европската ракометна федерација (EHF) да го организираат Европското првенство за женски ракомет во 2022 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ракометните федерации на трите земји изминатиов период ги исполнија критериумите и барањата на инспекциите на ЕХФ, по што стана и официјално дека Скопје, Љубљана, Цеље и Подгорица ќе бидат домаќини на овој ракометен настан.
Првенството ќе се игра во четири сали, и тоа во „Борис Трајковски“ во Скопје, „Стожице“ во Љубљана, „Златорог“ во Цеље и „Морача“ во Подгорица. Во овие сали ќе се играат по една од четирите групи од првата фаза на Првенството.
Љубљана и Скопје ќе ги организираат и двете групи во главната фаза, а финалето ќе се игра во салата „Стожице“ во главниот град на Словенија.