Dejan Maksimoviç
19 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
МАНЧЕСТЕР (АА) - Норвежанецот Оле Гунар Солскјер, легендата на клубот од Олд Трафорд, е назначен за привремен менаџер на Манчестер јунајтед, откако вчера утрото беше сменет Жозе Мурињо, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иако првобитното раководство на клубот работата на привремен менаџер му ја препушти на 37-годишниот Мајкл Керик, уште една клупска легенда, кој беше еден од помошниците на Мурињо, сепак, донесена е одлука екипата до крајот на сезоната да ја води Солскјер, кој има поголемо искуство како тренер.
„Манчестер јунајтед е во моето срце и брилијантно е што се враќам во оваа улога. Навистина се радувам на работата со многу талентираниот тим што го имаме, со персоналот и со сите во клубот“, изјави Солскјер за официјалната интернет-страница на Манчестер јунајтед.
Од раководството на клубот соопштија дека Солскјер ќе биде привремен менаџер за време на процесот за назначување на нов прв човек на таа позиција. Во неговата работа покрај Керик и Киеран Меккена, ќе му помага и Мајк Фелан.
Солскјер го носеше дресот на „црвените ѓаволи“ од 1996 до 2007 година. Во тој период освои шест титули шампион на Англија, по два суперкупа и ФА Куп, и по еден пехар во Лигата на шампиони и Интерконтиненталниот куп. За Јунајтед одигра 366 натпреварувачки меча и постигна 126 гола. За репрезентацијата на Норвешка настапуваше 67 пати со 23 погодоци.
Со тренерска работа 45-годишниот Солскјер почна да се занимава во 2008 година, во резервниот тим на Манчестер јунајтед, а три години подоцна го презеде норвешкиот клуб Молде. Следуваше кратка епизода во Кардиф сити, а потоа се врати во Молде, каде што беше сè до неговото назначување како привремен менаџер на Манчестер јунајтед.