Doga Kirmizioglu
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - Еден од најдобрите играчи во светот, Лионел Меси, изјави дека Барселона станала многу подобар тим во одбраната откако од тимот си отиде бразилскиот напаѓач Нејмар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Откако минатиот викенд го продолжи договорот со Барселона, Меси во интервју за германското списание „Kicker“ (Кикер), истакна дека тимот од „Камп ноу“ значително ја изменил тактиката и системот на игра, бидејќи на клупата дојде новиот тренер Ернесто Валверде, а Нејмар отиде во францускиот ПСЖ.
„Моравме да го смениме системот на игра по заминувањето на Нејмар. Можеби во нападот изгубивме во сила, но во одбраната станавме многу подобри и поорганизирани. Играчите од средниот ред играат многу помирно и создаваме балансирана игра“, рече Меси.
Потсетувајќи дека Барселона е еден од трите тимови кои оваа сезона не знаат за пораз во домашното првенство и во Лигата на шампионите, Меси истакна дека други два тима со таков успех се Манчестер сити и ПСЖ. Тој додаде дека тие се најголемите ривали на Барселона оваа сезона.
Меси ја коментираше и играта на Реал Мадрид и на Баерн Минхен, кој се помалку успешни во однос на претходната сезона, и рече дека сезоната е сè уште на почетокот и дека искусни тимови како Реал Мадрид и Баерн Минхен не смеат толку рано да се отпишат.
„Мислам дека тие во продолжението на сезоната ќе покажат колку силни клубови се“, заклучи Меси.