Ahmet Gürhan Kartal
23 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
ЛОНДОН (АA) - Акцијата за пронаоѓање на малиот авион кој превезувал три лица, меѓу кои и фудбалерот на англиската Премиер лига Емилијано Сала, продолжува и денес, пренесува Anadolu Agency (AA).
Аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала (28) беше на пат да се приклучи на својот нов клуб, Кардиф Сити, откако потпиша договор вреден 15 милиони фунти. Авионот во кој беше фудбалерот исчезна од радарот во понеделникот вечерта.
Познато е дека Сала испратил порака преку гласовна говорна пошта до неговиот татко, велејќи дека е исплашен дека авионот ќе се урне.
Според медиумите во Аргентина, тој рекол: „Јас сум во авион кој изгледа како да ќе се распадне, патувам кон Кардиф.“
„Ако за час и половина немаш вести од мене, не знам дали ќе испратат некој да ме бара, бидејќи не можат да ме најдат, но знаеш ли... Тато, колку сум уплашен!“
Џон Фицџералд, одговорен на службата за потрага на Каналските Острови за „Скај њуз“ (Sky News) изјави дека е пронајдена перница и искривено парче метал.
„Во оваа фаза мислам дека е многу малку веројатно да го пронајдеме авионот во еден дел“, рече тој, додавајќи дека смета оти авионот се распаднал по падот во Ла Манш.
„Кога авионот паѓа во вода, имате само неколку минути пред тој да потоне“, рече Фицџералд, додавајќи: „Тој тип на авиони не се дизајнирани да стојат на површината на водата и откако ќе ги отворите вратите, имате две или три минути пред да потоне под вода, особено полесните авиони.“
Напорите за пребарување и спасување од страна на Каналските Острови, Велика Британија и Франција продолжуваат.