Dejan Maksimoviç
25 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
МАНЧЕСТЕР (АА) - Хуан Мата, играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, истакна дека по доаѓањето на легендарниот Оле Гунар Солскјер и убедливата победа над Кардиф Сити, дошло времето сите во клубот да бидат оптимистични, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во дебито на Норвежанецот на клупата на неговиот некогашен клуб, Јунајтед славеше на гости со резултат од 5:1. Тоа беше првпат „црвените ѓаволи“ да постигнат 5 гола во натпревар од Премиер лигата уште од заминувањето од клупата на сер Алекс Фергусон во 2013 година.
Неколку дена по триумфот се огласи шпанскиот играч.
„Легендарниот Оле Гунар Солскјер е нашиот нов шеф, и не можевме да почнеме подобро со неговото враќање во клубот. Тоа беше убедлива победа против Кардиф што ќе ни го подигне моралот на крајот од 2018 година и во сѐ поблиската нова година. Време е да бидеме оптимистични и да продолжиме напорно да работиме за да се издигнеме на табелата“, рече Мата.
Манчестер Јунајтед по 18 кола на табелата во Премиер лигата го зазема шестото место со 29 бода, дури 19 помалку од лидерот Ливерпул. Во 19. коло на 26 декември на „Олд Трафорд“ ќе биде домаќин на Хадерсфилд.
Мата дојде во Јунајтед во јануари 2014 година од Челзи. Пред да дојде во Англија играше за Реал Мадрид „Б“ и за Валенсија. За „црвените ѓаволи“ досега има одиграно 204 натпреварувачки меча и има постигнато 43 гола. За репрезентацијата на Шпанија, со која беше светски и европски шампион, 30-годишниот играч од средниот ред настапи во 41 натпревар со 10 постигнати гола.