Tuba Onğun
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот мегааеродром „Истанбул“ делумно е повторно отворен за летови по еднодневниот прекин поради силните врнежи од снег во градот, објавија турските цивилни воздухопловни претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Откако доби одобрение за паркинг-просторот, пистата на Аеродромот Истанбул 18/36 беше отворена за сообраќај денес во 12 часот (на пладне) по локално време, со приоритет за пренасочените летови“, се вели во твитот на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство.
Аеродромот „Истанбул“ беше затворен за летови откако вчера снежни врнежи го зафатија Истанбул, поради кои беа затворени и трговските центри, а сообраќајот беше нарушен.
Националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ претходно објави дека ги одложува летовите од и до Аеродромот „Истанбул“ до среда на полноќ (GMT2100).