Sarp Özer
20 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, истакна дека трилатералниот состанок за Либија бил позитивен и продуктивен и нагласи дека од суштинско значење во Либија е што поскоро прекинување на помошта и поддршката за пучистот Хафтар, јавува Агенција Анадолија (АА).
По трилатерална средба меѓу министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, либискиот министер за внатрешни работи, Фетхи Башага, и министерот за национална безбедност и внатрешни работи на Малта, Бајрон Камилери, одржана во Анкара беа дадени изјави за новинарите.
Министерот Акар нагласи дека на средбата се разговарало за регионални прашања.
„Одржавме исклучително позитивна, продуктивна и конструктивна средба. Би сакал да кажам дека оваа средба ќе даде значаен придонес за стабилноста на регионот. Исто така, нашата соработка во регионот во наредниот период ќе ни помогне и на нас и на другите земји за да се зачува безбедноста.“
Истакнувајќи дека една од најважните работи што сака да го изрази и потенцира е тоа што на состанокот споделиле слични ставови за многу прашања, Акар рече дека се согласиле соработката меѓу трите земји да продолжи и во наредниот период за мирот и стабилноста во регионот.
- „Ние секогаш сме покрај нашите либиски браќа“ -
Турскиот министер рече дека одговорностите на Турција на меѓународната сцена сè повеќе се зголемуваат. „Во овој контекст, нашите напори за придонес кон безбедноста и стабилноста на регионот може да кажам дека започнаа да даваат позитивен плод“.
Истакнувајќи дека активностите во Либија продолжуваат Акар додаде:
„Сакам сите да знаат дека секогаш сме покрај нашите браќа Либијци. Нашата цел е Либија да живее во мир и безбедност, да го заштити своето единство и интегритет, да биде единствена Либија. Нашите напори во однос на тоа прашање продолжуваат до денес, ќе продолжат и понатаму, заедно со либиските браќа, со Владата признаена од Обединетите нации (ОН). Знаеме дека најголемата пречка за постигнување на оваа цел е пучистот Хафтар. Затоа, од суштинско значење е да се запре секоја помош и поддршка за пучистот Хафтар, кој спречува постигнување на мир, доверба и интегритет во Либија.“
Турскиот министер ги потенцираше историските врски меѓу Турција, Малта и Либија и рече: „Задоволен од тоа што можев да ги слушнам мислењата на моите драгоцени пријатели и да ги споделам нашите мислења. Уште еднаш, сакам да се заблагодарам на Малта, поради нејзиниот конструктивен став за политичко решавање на кризата во Либија.“