Sibel Kurtoğlu
29 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Заменик-премиерот на Турција, Бекир Боздаг, денес во Истанбул изјави дека турските сили ќе се повлечат од подрачјето на сириски Африн по успешното завршување на операцијата „Маслинова гранка“, започната против терористичките организации ПЈД/ПКК и ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг присуствуваше на отворањето на состанокот на исламските научници од сите делови на светот, што се одржува во Истанбул, а чија тема е Ерусалим (Кудс).
Тој во таа пригода се осврна и на операцијата „Маслинова гранка“ која турските сили во сириски Африн ја започнаа на 20 јануари, а со цел неутрализирање на терористите на тоа подрачје.
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Боздаг притоа изјави дека САД на терористичките организации им пратила 5.000 камиони со оружје и 2.000 товарни авиони вооружување.
„Ова оружје е оружје од висока технологија, обичните терористи не можат да го користат, треба да поминат низ сериозна обука. Тие спроведоа и обука за користењето на тоа оружје. Им кажавме да не го прават тоа. Ни одговорија дека се принудени на соработка, дека тоа не е нивни избор, туку должност и дека тоа оружје ќе се одземе откако ќе ги победат ДЕАШ“, изјави Боздаг.
Тој потсети и на наводите дека ќе бидат основани погранични безбедносни сили, кои ќе бројат 30.000 лица.
„Која граница ќе ја штитат и од кого? Тоа е сириска територија и подрачје на суверенитетот на Сирија. Од оваа страна на границата постои Турција, а Турција и онака ја штити својата граница и се грижи за безбедноста“, изјави Боздаг.
Тој истакна дека се преземаат чекори за формирање на терористичка војска за да се воспостави држава на подрачје на кое се отстранети сите, освен терористите.
„Ова е отворено непријателство кон Турција, отворено непријателство и кон Сирија“, додаде Боздаг.
Тој истакна оти очекувањето дека Турција ќе ги затвори очите и ќе дозволи основање терористичка држава на својата граница, не е нешто што би го сторил паметен.
Боздаг нагласи дека цел на операцијата „Маслинова гранка“ се припадниците на терористичките организации ПКК, КЏК, ПЈД, ЈПГ и ДЕАШ во Африн и дека цел е да се воспостави безбедност и да се ослободи подрачјето од терористите, како и да се спречи фомирање терористички коридор.
Тој потсети дека и за време на судирите во Сирија што траат седум години, настрадале околу 800.000 лица, а дека се раселени десет милиони Сиријци, и дека Турција примила 3,5 милиони Сиријци.
Заменик-премиерот Бекир Боздаг истакна дека Турција ќе се повлече од Африн по успешното завршување на операцијата „Маслинова гранка“, и дека таа не е окупатор и нема намера да остане во тој регион.
Уште еднаш повтори дека цел на операцијата „Маслинова гранка“ не се тамошните Курди, туку исклучително терористите на ПКК и другите терористички групи и странските мрачни кругови кои работат против Турција.
„Некои се обидуваат да шират лаги дека Турците наводно убиваат Кудри и цивили. Сето тоа се лаги. Турција е држава и на нашите курдски браќа“, порача Боздаг.
Тој истакна дека турските сили во рамките на споменатата операција прават сè да ги заштитат цивилите и да се спречи нивното страдање.
„Не го правиме тоа поради критиките од меѓународната заедница, туку затоа што заштитата на цивилите и невините луѓе е наредба и уверување кое е дел од традицијата на турскиот народ и војска. Нашите сили преземаат максимални мерки и внимание, за на цивилите да не им фали ниту влакно од главата“, порача Боздаг.