Büşranur Begçecanlı
27 Август 2020•Ажурирај: 29 Август 2020
АНКАРА
Турскиот наменски брод за сеизмички истражувања „Оруч Реис“ ќе ги продолжи активностите на Источниот Медитеран за додатни четири дена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација со посредство на системот „Навтекс“ им е проследена на сите релевантни адреси во тој медитерански регион кај Кипар и бродот „Оруч Реис“, како и бродовите „Атаман“ и „Џингис Хан“ во негова придружба, ќе ги продолжат хидрокарбонските истражувања до 1 септември.
Првично, активностите на турскиот брод се најавени до 23 август, а со пораката на „Навтекс“, мисијата е продолжена до 27 август, за денеска со нов наутички телекс да биде соопштено дека активностите ќе траат уште додатни четири дена.
Турција е земја со најдолго крајбрежје на Средоземното Море и одлучна е во заштитата на своите права на Источниот Медитеран. Грција, која ги оспорува правата на Турција во Средоземното Море, претходно испрати порака преку „Навтекс“, во која најави четиридневна вежба на воздушните и поморските сили на истокот на Медитеранот.
Турција остро го осуди тој потег на грчките власи и ја предупреди официјална Атина дека нема да дозволи загрозување на нејзините права. Турција исто така порача дека е подготвена на преговори и праведно решение во регионот и дека нема да дозволи никакви наметнувања, ниту загрозување на нејзините интереси.
Бродот „Оруч Реис“ има капацитет да врши тродимензионални снимања до длабочина од 8 километри, а дводимензионални и до 15 километри. Станува збор за еден од ретките наменски бродови во светот кој врши дводимензионални и тродимензионални геолошки и сеизмолошки истражувања.