Elvir Hociç
26 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
ВАН (AA) - Доаѓањето на пролетта и будењето на природата во сите делови на светот нуди прекрасни пејзажи, а таков е случајот и со Акамдар, малиот остров во езерото Ван, во Турција, пишува Anadolu Agency (AA).

Станува збор за остров со површина од 0,7 квадратни километри, кој изобилува со богато културно-историско наследство, а посебно внимание на туристите привлекува средновековната ерменска апостолска црква.

Сините води на езерото, богатата флора на островот, со снег прекриената планина Артос во позадина, претставуваат вистински предизвик за љубителите на фотографијата и вљубениците во природните убавини.

Природните убавини на овој мал остров речиси се граничат со иреалноста. Името на самиот остров се поврзува со трагичниот крај на една љубовна приказна. Легендата вели дека на островот живеела прекрасна ерменска принцеза Тамар, која секоја вечер ја посетувал вљубен пастир, пливајќи до островот. Таткото на принцезата дознал дека пастирот плива со помош на светлосните ориентири што му ги дава принцезата, па една ноќ решил да застане на патот на таа љубов. Палејќи и гасејќи ги фенерите на неколку делови од островот, злобниот татко до смрт го изморил вљубениот пастир, кој при давењето во езерото извикувал „Ех Тамар“.