Ekipa
12 Март 2019•Ажурирај: 13 Март 2019
ИСТАНБУЛ (AA) – Во Истанбул денес е отворена железничката линија Гебзе – Халкали, која ги спојува источните и западните краеви на Истанбул и која ќе биде дел од трасата на железничкиот Пат на свилата кој ќе се протега од Лондон до Пекинг, јавува Anadolu Agency (AA).
Свеченото пресекување на лентата се одржа на церемонијата на плоштадот „Картал“, а на присутните им се обрати турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој истакна дека новоотворената пруга го скратува патувањето низ градот на Босфорот за еден час и десет минути.
„Еве, гледате дека работата и службата се едно, а дека празните зборови се нешто друго“, рече Ердоган, и додаде дека е сигурен дека граѓаните на Истанбул тоа ќе го препознаат и на локалните избори на 31 март ќе дадат глас за опцијата која работи и му служи на народот и државата.

Новоотворената железничка пруга се протега од Халкали на запад, преку тунелот „Мармарај“ под Босфорот, до Гебзе на крајниот исток на Истанбул.
„Патувањето по оваа рута досега траеше 185, а сега ќе трае 115 минути. Станува збор за најфреквентната траса на патот во Истанбул по која секој час ќе патуваат 75 илјади, а дневно и до 1,7 милион луѓе. Со други зборови, оваа пруга ќе ги превезува луѓето кои инаку би користеле над 100.000 возила“, рече Ердоган.
Пругата има 43 станици и директно ќе ја користат жителите на сите десет истанбулски дистрикти. Конгломератот на железничките пруги, метроа и подземните тунели, во значителна мерка ќе го растовари сообраќајниот метеж во Истанбул.
Ердоган, исто така рече дека е важно да се напомене дека на новоизградената пруга ќе сообраќаат вкупно 440 возила, од кои 300 се произведени во Турција. Тој истакна дека тунелот „Мармарај“ бил клучниот проект во поврзувањето на турските железници во Истанбул.
„Благодарни сме им на сите кои работеа на реализација на проектите на пругата во која се вложени 1,4 милијарда евра. Истанбулскиот железнички систем, од 170 го зголемивме на 233 километри. Целта ни е во првата етапа да изградиме 500, а во крајната 1.100 километри железничка мрежа во овој град“, рече Ердоган.