Bestami Bodruk
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
ДИЈАРБАКИР
- Бестами БОДРУК
Местото Чермик во турската област Дијарбакир, кое зазема важно место во термалниот туризам, благодарение на водопадот Близнак и патеките за пешачење, ќе стане новата рута на љубителите на природата.
Чермик, кој во своето подрачје има голем број историски и културни споменици, бањи стари стотици години и водни ресурси за кои се тврди дека се добри за многу болести, има цел да стане нова рута на љубителите на природата, сплаварењето, планинарењето и алпинизмот, благодарение на природните убавини како што се потокот Синек, истоимениот кањон и планината Гелинџик, предмет на легендите, која наликува на самовилните оџаци од бајките.
Скриеното богатство во овој регион, водопадот Близнак и патеките за пешачење по природа се дел од овие убавини.
Водопадот Близнак и патеката за пешачење, која ќе им биде домаќин на посетителите на туристичката рута именувана како „златен триаголник“ на Месопотамија, е извонредно место за оние кои бараат изолирана рута во ова време на пандемија.



- „Сакаме да го промовираме ова место“
Рамазан Полат, управителот на околија Чермик, зборувајќи за Агенција Анадолија (AA), истакна дека сакаат да ги промовираат убавините на регионот и на Дијарбакир.
Осврнувајќи се на важноста на водопадот Близнак и пешачката патека во рамките на туристичката рута наречена „златен триаголник“ на Месопотамија, Полат истакна: „Сакаме да го промовираме ова место. Сакаме луѓето да знаат за ова место, во време на пандемијата своето време да го поминат во покомфорно и поздраво опкружување. Имаме студија за Парк на природата. Одржуваме средби со обласниот Директорат за природа и национални паркови.“
Тој на посетителите на регионот им ветува уникатно патување во кое при прошетката од едниот водопад до другиот, ќе бидат следени со звукот на птиците и шумолењето на водата, додавајќи дека помеѓу двата водопада има пешачка патека од приближно еден километар.
Наведувајќи дека во подрачјето се наоѓа и воденица стара повеќе од 250 години, Полат рече: „Луѓето прво ќе ги видат водопадите, ќе ја чујат песната на птиците, шумолењето на водата и ќе бидат во контакт со природата. Има многу мали водопади по течението на потокот. Покрај тоа, има ендемски растенија и диви животни како што се планинските кози.“

- „Ќе има одлична услуга“
Градоначалникот на Чермик, Шехмус Карамехметоглу, истакна дека водопадите им се допаѓаат на љубителите на природата и фотографијата.
Информирајќи дека тие ќе создадат пешачка патека помеѓу водопадите, Карамехметоглу продолжи со зборовите: „Кога тукашните можности ќе им бидат претставени на луѓето, ќе има одлична услуга. Како општина, ќе сториме сѐ што е потребно. Чермик го заслужува тоа.“
Регионалниот директор за млади и спорт, Селалетин Карајилан, посочувајќи дека регионот е многу погоден за спортови во природа, изјави дека покрај тоа планираат да организираат и велосипедски тури и прошетки во природа.
