Mustafa Yılmaz
07 Февруари 2023•Ажурирај: 08 Февруари 2023
КАХРАМАНМАРАШ - Девојка која била заглавена под урнатините во турскиот град Кахраманмараш, спасена е 28 часа по земјотресот, известува Анадолу.
Членови на спасувачките тимови на општина Османгази од Бурса кои учествуваат во потрагата и спасувањето во јужните региони на Туркије, успеаја жива да ја извлечат девојката заглавена под урнатините на зграда.
Припадници на спасувачкиот тим раскажаа дека чуле глас додека рано утринава ги отстранувале урнатините од осумкатница во Кахраманмараш, област каде беа епицентрите на двата разорни земјотреси во Туркије.
Вложувајќи дополнителни напори, дошле до местото од каде доаѓал гласот.
Под бетонските столбови потоа успеале да ја извлечат 17-годишната Дилара Акташ, дури 28 часа по првиот разорен земјотрес.
Девојата по акцијата за спасување е префрлена во болница на носила.
- Број на загинати во Туркије
Според податоците на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), досега животот го загубија 3.381 лице, а најмалку 20.426 се повредени во земјотресите што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије, со епицентар во јужната турска област Кахраманмараш.
АФАД соопшти дека во земјотресите што ги потресоа јужните делови на Туркије се урнати 5.775 згради, а бројката на пријавени, но сѐ уште не проверени урнати згради изнесува 11.302.
Во подрачјето кое го зафати разорниот земјотрес во моментов се ангажирани 24.443 спасувачи, медицински и друг персонал.
Во акцијата за спасување досега се згрижени 338.000 лица во студентските центри и други објекти, а од урнатините живи се извлечени повеќе од 8.000 лица.
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер вчера наутро во 4:17 часот со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер со епицентар во местото Елбистан ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентарите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш. И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.
Земјотресите се почуствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и други региони.
Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека на Туркије и се случила најголемата катастрофа по земјотресот во Ерзинџан 1939 година.
Туркије прогласи седмодневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.