Metin Girgin
31 Мај 2020•Ажурирај: 01 Јуни 2020
КОЏАЕЛИ (AA) – МЕТИН ГИРГИН -
Претседателот на Здружението за слобода и солидарност „Мави Мармара“, Исмаил Јилмаз, истакна дека бродот „Мави Мармара“, кој пред 10 години тргна од Истанбул, ја исполнил својата мисија за да се дознае во светот драмата што се случува во Појасот Газа и Палестина, кои се блокирани од воздух, копно и море од Израел.
Јилмаз во изјавата за Агенција Анадолија (АА), на 10-годишнината од нападот врз бродот „Мави Мармара“ од страна на израелските војници, потсети дека бродот „Мави Мармара“ испловил на 31 мај 2010 година со луѓе од 36 земји со различни верувања.
Истакнувајќи дека бродот бил нападнат од израелски војници во меѓународните води, Јилмаз рече: „Ние пловевме за да помогнеме да се слушнат гласовите на угнетените луѓе. И ние ги преживеавме сличните проблеми што Палестинците ги живеат скоро 100 години и тоа светот го виде во живо. Тоа беше многу важно. Неправдите што ги правеа досега во светот ги раскажуваа на различен начин, но по инцидентот со „Мави Мармара“ паднаа лажните маски од нивните лица.“
Јилмаз исто така истакна дека помошта носена со „Мави Мармара“ била симболична и главната цел на флотата за слобода била да се сруши блокадата во Газа и целиот свет да ги види неправедните и незаконските практики на Израел.
„Ако луѓето не можат да купат што сакаат, ако им е одземено правото за патување и ако тие луѓе умираат затоа што не можат да ги земат и наједноставните лекови, тука има хуманитарен проблем. Денес домовите на Палестинците присилно се одземани. Бројот на Палестинците што се протерани во странство е поголем од бројот на Палестинците што живеат во Палестина. Тоа е документиран доказ на прогонот каков што до денес не е виден во светот. Главната цел на патувањето беше светот да слушне за прогонствата врз Палестинците. Успеавме во тоа. Имаше убави резултати. По тоа патување Палестина доби статус на набљудувач во Обединетите нации“, нагласи Јилмаз.
Истакнувајќи дека со тоа патување се добиени големи придобивки, Јилмаз рече: „Со „Мави Мармара“ ние повторно воспоставивме мостови за братство во овој регион. Структурата наречена Израел ја загуби Турција. Беспилотните летала за Турција стигаа од Израел, сега ситуацијата се промени. Се отвори патот за национална индустрија. Постои правна и хуманитарна борба, но за жал проблемите во Газа продолжуваат.“
- „Тие што тргнаа на ова патување го открија вистинското лице на Израел“ -
Потенцирајќи дека Палестинците и оние што тргнаа на ова патување го откриле вистинското лице на Израел, Јилмаз рече:
„Ние, како луѓе што учествувавме на ова патување, им се заблагодаруваме на луѓето кои не ги оставаат Палестинците сами и се борат за ослободување на џамијата „Месџид-и Акса“ и на Палестина. Турскиот народ застана зад угнетените луѓе и веруваме дека со придонесот на Турција повторно ќе има добри денови во светот.“
Јилмаз додаде дека планираните активности по повод 10-годишнината од нападот врз „Мави Мармара“ од страна на израелските војници нема да се одржат поради Ковид-19, но на социјалните медиуми ќе има објави и програми во живо.