Aynur Ekiz
05 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека доколку биде потребно, турските сили ќе извршуваат операции во Идлиб и Сирија и во другите подрачја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Воздушните и копнени елементи на Турските вооружени сили ќе дејствуваат слободно, а по потреба и ќе извршуваат операции во Идлиб и сите други подрачја на нашето дејствување“, изјави Ердоган во обраќањето пред Клубот на пратениците на Партијата за правда и развој (AКП).
Тој истакна дека голем проблем претставува и фактот што во Сирија не се почитуваат постигнатите договори.
„Во Сирија не се почитуваат договорите, нападот на нашата војска претставува навестување на нов период за Турција што се однесува на Сирија. Сирискиот режим во февруари да се повлече зад набљудувачките позиции на Турција, во спротивно ќе ги принудиме. Кој и да праша што прави Турција во Сирија, знајте дека е или невнимателен или намерно е непријател на овој народ и земја“, изјави Ердоган.
Тој истакна исто така дека сирискиот режим отворено го крши примирјето постигнато за Идлиб, потсетувајќи на нападот овој понеделник во кој загинаа седум турски шехиди и еден цивил.
Тој додаде дека на секој напад врз турските војници или врз нивните сојузници ќе следува одмзада, без никакво предупредување и без оглед на изворот на нападите.
„Во нашите воени операции главен принцип на Турција е да не се нанесе штета на животите или имотот на невините луѓе“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател истакна и дека Анкара очекува од Русија да го разбере сензибилитетот на Турција во Сирија.
Се осврна и на последните случувања во врска со израелско-палестинското прашање, напоменувајќи дека никој не го прифаќа т.н. мировен план, што неодамна го објави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ерусалим (Кудс) припаѓа на трите небески религии, таканаречениот план не го прифаќаат ниту муслиманите ниту христијаните, ниту ортодоксните Евреи. Никогаш нема да го поддржиме планот со кој не се задоволени нашите палестински браќа“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека единствена цел на таканаречениот план е „легитимирање на израелската политика на окупација, уништувања и изнудувања, кои траат веќе 70 години“.
Исто така се осврна и на одредените закани кои САД ги упатуваат кон него и кон уште некои турски официјални претставници.
„Во овој момент, за жал, САД упатуваат закани кон мене, а му се закануваат и на нашиот шеф на разузнавачката служба, како и на некои финансиски институции во Турција. Што и да направите, во тоа сигурно нема да успеете“, изјави Ердоган.